Посета на партнер училиштето од градот Ниш, Р. Србија


ТРЕТА АЦЕС – СРЕДБА

Посета на партнер училиштето од градот Ниш, Р. Србија

Од 06 до 09 април се реализира и третата и последна средба во рамките на проектот АЦЕС. Градот Ниш, Р. Србија, ја имаше честа да го заокружи кругот на средбите и активностите предвидени од трите партнерски училишта. На оваа средба целиот АЦЕС тим од нашето училиште, поддржан од директорот г-дин Дејан Димоски и на чело со координаторот Елизабета Милошеска – професор по англиски јазик, како и 15 (петнаесет) ученици, го посетија партнерското училиште од градот Ниш, Р. Србија. На средбата присуствуваа и нашите партнери од градот Вац, Унгарија. И оваа средба беше во знакот на активностите на темата Солидарност и мотото „Насмевката е најголем подарок“.

Нашите домаќини ни приредија срдечно добредојде и од се срце се потрудија нашиот престој кај нив да ни остави силен впечаток. Деновите поминати кај нив зрачеа од искрено гостопримство и поминаа како еден миг. Секој момент беше исполнет со нови доживувања и впечатоци и зачинет со нивната љубезност и гостопримливост.Додека траеше работилницата со учениците, раководена од професорката по социологија Нада Арсов, ние, наставниците од партнерските училишта, остваривме средба со директорот на училиштето, г-нот Милорад Вељковиќ и ги посетивме сите значајни места во Деловно – правното училиште, училниците, наставата и просториите каде учениците ја реализираат практичната настава. Споделивме драгоцени искуства со нашите колеги и се разбира со учениците.

Денот продолжи со посета на знаменитости на градот Ниш, како Тврдината и Археолошкиот музеј. А попладнето бевме почестени со извонреден музички концерт, подготвен од учениците на ова училиште, хорот и сето тоа под раководство и диригентство на професорката по музика Наташа Жикиќ. Впечатоците се незаборавни. Уживавме во музичките изведби на хорот и на изведувачите. А свое учество на концертот зеде и играорната група од нашето домаќин – училиште. Со своја традиционална национална танцова изведба учествуваа и ученички од Медицинското училиште од градот Вац, а од нашето училиште ученикот Александар Здравков изведе неколку музички нумери, во придружба на Тамара Тодороска.

Наредниот ден беше резервиран за посета на повеќе значајни културно – историски знаменитости на градот Ниш. По посетата на Концентрациониот логор од Втората Светска војна, којшто се наоѓа во непосредна близина на Ниш, го посетивме и споменикот на Стеван Синѓелич во месноста Чегар, а потоа и познатата „Челе – кула“ изградена од черепи на борци за слобода. Овие посети не оставија без коментар и ни помогнаа да се зацврсти во нас идеалот за слободата, за да знаеме да ја цениме оти ја имаме. Потоа следеше посета на манастирот Св.Петка, каде се восхитивме од чудотворната икона на Св. Петка и од изразот на нејзините очи. Манастирот се наоѓа во непосредна близина Ниш, а потоа ја посетивме и познатата Нишка Бања.

11

На оваа последна средба ги сублимиравме сите реализирани хумани активности, го проценивме ефектот од нивната реализација и заеднички се согласивме дека партнерството ќе резултира со подолгорочна соработка и размена на пријателства и искуства. Тоа се и најголемите придобивки од проектот АЦЕС. Имено, поентата е да се воспостави конекција што ќе трае и ќе се негува во иднина. Контактот ќе продолжи во долгорочно пријателство на повеќе основи меѓу партнерските училишта. А нашето досегашно искуство всушност и го покажува тоа.

 

13

 

Ниш го напуштивме со солзи на очите и со срца загреани од убави спомени и впечатоци. И ние возрасните и учениците си ветивме дека партнерството ќе го продолжиме во искрено и трајно пријателство.

Им благодариме на нашите домаќини за срдечното гостопримство и прекрасно поминатите мигови, коишто се преточија во незаборавни спомени. А за ова најмногу зборуваат сликите што ви ги приложуваме, според поговорката: „Ни илјада зборови не можат да го кажат тоа што го кажува сликата“.

12

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>