Со Erasmus+ во Wolomin, Полска – репортажа


19ти мај, 1 часот и 30 минути по полноќ го започнавме заедно патот кон новата авантура наречена Полска. Петмина ученици од нашето училиште заедно со нашите двајца професори се упативме  кон аеродромот во Скопје. Најпрво со лет од Скопје до Љубљана, Словенија потоа од  Љубљана до Варшава, главниот град на прекрасната Полска, нејзината срцевина. Возбудата беше дел од секој поминат миг од самото тргнување до стигнувањето.

Веднаш по нашето стигнување во утринските часови околу  9 часот наутро започнавме со истражување на Варшава. Градот беше полн со нови лица, а ние секој чекор го збогатувавме со прекрасната слика од центарот на Варшава. Патот не одведе до еден од најголемите и најубавите паркови во Варшава – Lazienki Park каде што уживавме во прекрасната природа и бевме присутни на културните настани кои беа посветени на композиторот Фредерик Шопен. Денот ни помина во истражување и прошетка низ Варшава а ноќта ја поминавме во еден од хотелите блиску до градот Воломин во кој се одвиваа нашите активности хотелот „Trylogia“.

Утрото 20ти мај во дворот на хотелот ги пречекавме нашите домаќини. Насмевките и среќата беа неизбежни, сите бевме среќни  што склопивме нови пријателства. Тој ден го поминавме во дружба и запознавање со децата кои беа наши домаќини и нивните семејства.

Понеделникот 21ви мај, задоволството беше огромно се запознавме со нашите нови пријатели од Португалија, Италија и Турција кои беа  дел од истиот проект „Our rivers, our common future” во училиштето во Воломин. Секоја земја ја претстави својата презентација со која зборувавме за начините и законите за заштита на реките во нашите земји. Слободното попладне бевме со нашите домаќини  присутни на една мала забава  организирана во чест на нашето пристигнување од домаќините на децата од сите земји кои бевме гости.

Вторникот 22ри мај, најпрво бевме во посета на палатата Wilanow  каде што се запознавме со дел од интересни  историски  знаменитости  карактеристични за времето во кое луѓето живееле во претходните векови. Потоа се упативме кон стариот дел на Варшава, едно од најубавите места во главниот град наречено Stare Miasto  (Стар град) каде што секој објект е во различна боја и тоа беше навистина прекрасна слика која сите ја врежавме во нашите глави. Последна активност за тој ден беше посетата на Палатата на културата, науките и уметностите каде што имавме прилика да ја погледнеме огромната Варшава од птичја перспектива.

Средата 23ти мај беше резервирана за посета на градоначалничката на Воломин која нè пречека со огромна гостопримливост и со топла насмевка ни посака „Добредојдовте”. Таа  нè одведе во историјата на Полска и градот Воломин, а за крај ни посака убав престој во градот со надеж дека некогаш повторно ќе има прилика да нè сретне.

Остатокот од денот го поминавме најпрво во МPK – место каде се прочистува водата од сите штетни материи и можевме да погледнеме  како се одвива тој процес, а потоа се упативме кон Воломин каде имавме слободно време, а потоа го посетивме историскиот музеј во Кобулка Ossow  каде што проследивме историски филм и бевме на едно од местата каде што се одвивале тешките војни во минатото и оддадовме почит на загинатите борци. Остатокот од денот го поминавме во заедничка дружба и вкусна храна.

Четвртокот 24ти мај, во утринските часови се упативме до еден од најголемите  национални паркови во Полска – Bieberzanski Park до кој патувавме 4 часа. Се запознавме со делови од биологијата, научивме нешто повеќе за земјата и почвата потоа  сите заедно бевме на вкусен ручек каде што вкусивме еден од специјалитетите на Полска.

Последниот ден  петок 25ти мај, го поминавме во училиштето во Воломин каде што беа ученици нашите домаќини. Бевме дел од спортските активности, научивме и неколку традиционални португалски и италијански танцови. Потоа ни беа доделени сертификатите за нашето учество а потоа заедно со нашите домаќини бевме во посета на Зоолошката градина во Варшава.

Сабота 26ти мај – солзи, прегратки и разделба. Ставивме крај на една прекрасна авантура и едно прекрасно патување но не ставивме крај и никогаш нема да ставиме на нашите нови пријателства. Се вративме со низа спомени и нови знаења а нашите впечатоци се надеваме успеавме да ги доловиме низ оваа репортажа која секогаш ќе не потсетува на нашиот престој во Полска.

Ивана Настеска, Деница Темелкоска, Кирил Трајкоски, Сања Цветкоска, Бојана Кузманоска

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>