И оваа година, проектот на СОУ „Ѓорче Петров“ е награден од страна на АЦЕС-Академијата за централноевропски училишта – една од најголемите мрежи во Централна и Југоисточна Европа. Нејзина основна цел е промовирање дијалог и прекугранична соработка на младите луѓе и училиштата, а е основана од ERSTE фондацијата и координирана од Interculturalles Zentrum во соработка со VČELÍ DOM. Проектот е поддржан од 15 Министерства за образование на сите земји учеснички. Во конкуренција од 163 поднесени апликации и 596 училишта, беа наградени 42 проекти со вкупно 100 вклучени училишта.
Темата на проектот оваа година беше „Солидарност“, а темата на нашиот проект е “Насмевката е најдобар подарок”. Координатор на проектот е проф. по англиски јазик Елизабета Милошеска.
Почетната средба се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, од 5 до 8 октомври, 2015 г. Учество зедоа по 1 наставник и 1 ученик од секое наградено училиште. Тие имаа можност меѓусебно да се запознаат, да ги разработат понатамошните активности и да стекнат корисни вештини за управување со проектите, запознавање со нови методи на учење и размислување во врска со темата „Солидарност“, но меѓу другото, имаа и можност да развијат лични контакти и пријателства. Овогодинешните партнери на СОУ„ Ѓорче Петров“ се од градот Ниш, Р. Србија и од градот Вац, Унгарија.
Преку реализирањето на предвидените активности учениците ќе имаат можност да ја покажат својата солидарност на дело. Учениците во Сараево ги претставуваше ученичката Андреа Трпаноска од трета година. Особено ни беше чест што од нашиот град имаше уште еден претставник – поранешниот ученик од нашето училиште – Бобан Шафкулоски, кој учествуваше во претходниот циклус на Ацес, но овојпат како дел од Ацес тимот, заради тоа што беше избран за тутор.
Претстои посета на партнерските училишта во нашиот град и училиште на почетокот на месец ноември.