Незаборавна мобилност беше реализирана во Славонски Брод, Хрватска преку проектот ,,Cultural Animation as a key against elderly social isolation” во кој покрај нашето училиште СОУ,,Ѓорче Петров” кое ја претставуваше Македонија, учествуваа наставници и ученици од Италија, Франција, Германија и од домаќинот, Средното училиште ,,Матије Антуна Рељковиќа”.
После свечениот пречек со традиционална славонска музика, отпочнаа активностите. Сите ние заедно со групата стари лица кои беа дел од проектната работа ја разгледавме прекрасно уредената и организирана училишна градина во која учениците од соодветната струка ги реализираат часовите по практична настава, а активно учествувавме и во работилниците за изработка на гранола, заедничката виртуелна тура низ дестинацијата која ја избравме, изработка на играчки за домашни миленичиња, садење на ароматични тревки и зеленчук…
Вториот ден следеа работилниците низ кои сите ученици меѓу кои и нашите прекрасни и посебни: Николина, Ивана, Стефан, Вања и Александар во дискусии со старите лица и учениците од другите држави разменуваа идеи, ставови, мислења за различни теми, при што младоста и староста ги испреплетија знаењето, искуството со амбициозноста и современието во заеднички поучни производи.
Следеа посетите на Музејот на писателката Ивана Брлиќ-Мажураниќ, каде интересно и модерно беа презентирани нејзиниот живот и дела, потоа посетата на Тврдината и галеријата Ружиќ каде видовме многу уметнички поставки изработени главно од дрво а и самите, во уметнички налет создадовме дела-портрети.
Третиот ден вратите на своето секојдневие пред нас ги отвори Загреб. Загреб не удостои со својата класична убавина, но и со современите музеи, едни од единствените во светот: Музејот на раскинати врски и Музејот на мамурлакот. Невообичаени експонати и приказни видовме/прочитавме/доживеавме таму.
Четвртиот ден нашите нови пријатели, планинарите – пензионери од планинарското друштво од Славонски Брод не поведоа на тура низ штотуку разбудената пролетна природа. Учениците/наставниците прашуваа, а планинарите низ одговори им споделија свои искуства и доживуваања.
Петтиот ден, после одржаниот состанок на наставниците од сите држави учесници во проектот следеше СВОТ анализа на реализираното и доделување на сертификатите за сите тимови.
Си заминавме од Славонски Брод, питом град распослан покрај брегот на реката Сава, пречекани топло, домаќински, побогати со пријатели-ученици, наставници од различни држави и различни услови за живееење, работа, побогати со споделените погледи и искуства на луѓе од третото доба кои со својата мудрост и животно искуство ни напластија нови видици. Заминавме со сознанија, емоции, верување дека преку овој проект создадовме ланец од луѓе и спомени кој ќе ни биде украс низ животните текови.
На пат за дома го посетивме величенствениот храм Св.Сава во Белград, прошетката низ Белградската „Кнез Михајлова“, Калемегдан…
Николина, Ивана, Вања, Стефан и Александар беа вистински амбасадори на нашето училиште и држава! Секој од нив беше неопходниот дел од успешно средената сложувалка.
Во придружба на учениците беа професорите Наташа Мирческа и Здравка Најдоска. Координатор на овој Еразмус проект е професорката Билјана Тошеска.