На литературниот конкурс организиран од страна на Клубот на литературни творци, традиционално секоја година, по повод празникот Св. Никола, учествуваа и повеќе наши ученици.
На 27.12.2024г., во салата на Градската библиотека беа прогласени добитниците на наградите. Во категоријата Проза, ученичката Исидора Николоска од 3-1кл. освои прво место за расказот ,,Низ дурбинот на демосот”, а Даниел Главчев од 3-1кл. доби трета награда во категоријата Поезија, за песната ,,Доведете ја”. Двајцата под менторство на проф. Билјана Тинтоска. Останатите ученици добија пофалници. На добитниците им ги честитаме наградите и им посакуваме на сите уште многу успеси.
Во прилог ви ги доставуваме наградените творби.
Доведете ја
Процветај љубов моја страсна.
Испрати надеж до неа,
нека ја обземе среќа и смеа.
Прелијте радости мои,
преплавете ми ја неа во највеселите бои.
Полетај искреност моја бистра.
Слетај на нејзиното кревко рамо,
и води ја кон мене само.
Води ја низ најубавата патека цветна,
каде срцето ми цути, а душата ми пее.
Каде наместо вода, надежта ми лее.
Доведи ми ја во прегратка моја,
нека ми се предаде безгрижно.
Нека си ја одмори душата своја.
Нека како срна заспие цврсто.
Нека и бидат моите прегратки најбезбедното место.
Моите детинести очи да ја затоплат,
сните црни да ѝ ги осветлат.
Автор на песната: Даниел Главчев 3-1кл
СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп
Ментор: Билјана Тинтоска
Низ дурбинот на демосот
Метежот на улиците беше типично оживеан, а сонливиот град ја пречекуваше дневната светлина, убедувајќи ги и ноќните султани дека денот е на својот праг. Тој молкум озарен со стаклени очи и мирна маска на сервилност се беше потпрел на первазот од прозорецот и со празен поглед ги набљудуваше збрканите глави кои се врвчеа низ центарот на градот, каде со порив на јаснотија на денот чмаеше ноемвриската среда, кога одненадеж остар налет на ветар зафучи преку плоштдот и почна да врне студен дожд. Луѓето мижуркаа и се плеткаа во русвајот на пазарниот ден. Низ плипотот народ една тромава силуета се затетерави и шлапна врз влажните плочи, препуштајќи се на дождот кој безмилосно го нагрвали. Жолта пластична ќеса беше натопенета и пласната покрај силуетата која едвај се гледаше. Од ќесата се беа истуриле десетина мандарини кои луѓето несвесно ги цапаа. Човекот продолжи да лежи неподвижен, а кон него се стрчаа само два – тројца. Целата арабеска беше впрочем налик на стихија, којашто момчето дотогаш втренчено ја восприемаше. Се вомјази од глетката и чувствуваше зазор кон цинизмот на луѓето. Се растажи и јурна надвор од својот стан трчајки по скалите и топенејќи си ги излитените патики и пантолоните, не размислувајќи притоа за студот на есента кој го обземаше. Кога конечно наближа до силуетата, забележа дека кутриот маж во поодминати години е неподвижен и модар. Беше во безвесна состојба и не можеше да го разбуди. Веднаш го провери пулсот, но беше многу слаб, посака да повика брза помош, но морници му го полазија телото кога се сети дека мобилниот телефон го заборави на малата мермерна масичка во дневната соба. Околу него немаше никој и се подаде да го земе телефонот на страдалникот. Погледна кон левиот џеб кој му беше отпаран а покрај него фрлен новчаник. Зар беше возможно да се поверува на тој агностицизам? Зар е возмозможно човечкото битие да сочувствува со сѐ, но не и со човечките страдања? Погледна во паричникот во кој останале само личните документи и по некоја ситна монета, претпостави дека и мобилниот телефон бил бесчесно присвоен и се збуни, не знаејќи што побрзо да направи. Во тој миг од една од постарите часовничарски работилници во срцето на градот излезе подгрбавена, ниска женичка во средовечни години која со чуден и јарок поглед острелушено гледаше. Несомнено ја забележала атмосферата која се одвиваше под прангите на дождот и вјасајќи кревко го подаде фиксниот телефон на дуќанот на кој претходно ја повикала брзата помош. Момчето чие име беше Ангел го пофати натопенетиот телефон и ја образложи ситуацијата. Во текот на секој изминат миг, додека ја чекаа брзата помош, изживеа векови болка без солзи и блед како восочна фигура си премина со раката по челото оросено со пот и капки дожд.
Во амбулантното возило влезе само тој, женичката си се врати во дуќанот, а не прозборе ни збор. На Ангел му беа упатени рој прашања во однос на идентификација на старецот, а тој само ги подаде неговите лични документи, единствени останати во неговиот новчаник. Ангел само се вклопуваше во општото патило што беше заднина на оваа слика преку постојана натаженост, воздржаност, блед и разводнет поглед. Текот на мислата го наваса како коњ во галоп и тој западна во амбисот на своите толкувања. Седеше на болничките столици кога дозна дека името на човекот чиј живот можеби го спаси било Илија. Бил на возраст од шеесет и осум години и четири години одминале откако си ја погребал сопругата и ја испратил во вечен живот. Имал само една ќерка која заедно со своето момче живеела во далечната Америка и не се имаше вратено назад во родното место уште од погребот на својата мајка. Ретко го барала татка си и се оковала себе си во мрак, суета и самољубие. Сите овие сознанија Ангел ги доби од сестрата на интерно одделение каде и чичко Илија заедно со докторите ѝ се опираше на смртта. Тоа беше елегија за една човечка орисија. Каде ли западнавме со себичноста и потрагата кон подобро утре во подруга земја? Каде ли се сопнавме, на кој ли камен се лизнавме кога ги остававме родителите покрај родните огништа и пребегувавме преку сите планини и ливади? Каде се ветросавме? Каде се витосавме? Зошто ли дозволивме луѓето да се постилаат по тротоарите и улиците? На најдрагите заборавивме, абдициравме од корката своја, од сенката си се сокривме. Станавме вејки на модерното раздобје и се подадовме на вителот кој ќе нѐ догмечи. Неговата зеница болскаше како свеќа низ болничкото стакло додека го гледаше старецот како ја подава главата, веќе освестен и испаничен за местото на кое се затече. Ангел веднаш влезе во собата и со својата рака нежно ја пофати раката на чичко Илија.
– Чичко Илија, здраво. Јас сум Ангел. Те најдов легнат на чаршискиот плоштад во близина на пазарот. Тебе успеав да те спасам, но сакам да ти се извинам затоа што мандарините настрадаа – се поднасмевна Ангел, но чичко Илија немаше чувство на емпатија. Изгледаше здробен како пчела на која ѝ ставиле олово врз крилото. Тој само едно побара…
– Каде ми е Марија? Каде е моето девојче? – и една солза му се појави близу зацрвенетиот раб на очите, но не капна. Го наѕре младото момче и рече: – Таа ќе дојде, нели? Моето девојче… Два збора како два шепота што ги беше испуштила душата, заминувајќи си со нив како крик на осамен галеб.
Погребот се одржа ден после тоа, а човекот го закопа Ангел заедно со дел од своите најблиски. Марија дозна за смртта, но не успеа да дојде навреме. Нејзината совест остана да чемрее во далечените на западот и да ја буди во ситните часови на ноќта, да ѝ го краде сонот, да ја иззема од спокојот. Никој не го познаваше тој чичко Илија, никој никогаш не го познавал, но сепак само оние што веруваат во Бог прават добрини во тајност. Ангел веруваше.
Автор на текстот: Исидора Николоска III – 1
СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп
Ментор: Билјана Тинтоска