Практична обука на ученици во Турција


На 16.03.2024 успешно заврши практичната обука во Истанбул, Турција за десет ученици кои беа придружувани од двајца професори од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп од здравствената струка профил Гинеколошко – акушерска сестра и Физиотерапевтски техничар во рамките на Еразмус+ акредитиран проект 2023-1-MK01-KA121-VET-000116035. Учениците имаа можност да се стекнат со практични искуства и реални ситуации во врвната мултиспецијалистичка болница BHT Clinic Istanbul Tema, која е водечки центар за роботика и вештачка интелегенција во областа на медицината. Практичната обука учениците ја имаа на неколку одделенија: кардиологија, радиологија, ортопедија, општа и висцерална хирургија каде заедно со докторите имаа можност да се запознаат со пациентите и нивните здравствени проблеми, употребата на ехо, читање на кардиограм, дискусија за рендген снимки на остеопороза, поблиску се запознаа со начинот на снимање на магнетна резонанца, ултрасонографија, мамографија, посета на болните во нивните соби, превски на фрактури, начинот на поставување на катетар во крвните садови, снимање на тироидната жлезда и слушање на протокот на крв во каротидната артерија. Покрај подеталната обука и практична настава на овие одделенија учениците имаа можност да ги посетат и гинеколошкото одделение, неонатологија, итната медицинска помош, стоматолошкото одделение, одделот за физикална медицина и рехабилитација. Климата во болницата беше апсолутно опуштена, пријателска и професионална. Пациентите се чувствуваа сигурно и опуштено, а лекарите целосно посветени на учениците. Несебично ги споделуваа нивните знаења. Учениците и професорите беа топло пречекани од персоналот на болницата и особена чест беше тоа што имаа можност да ручаат заедно со докторите и сестрите и целокупниот персонал на болницата. Покрај посетата на клиниката имаа можност да го посетат и еден од најпознатите приватни универзитети Istanbul Nisantasi University. Учениците имаа можност да посетат дел од медицинскиот факултет, односно кабинетите по: патофизиолигија, патологија, микробиологија, анатомија и физиологија, симулацискиот центар по хирургија и ургентна медицина. Исто така го посетија делот за авијација, односно симулацискиот центар во авионска кабина и симулација во контролна кула. Ова извонредно искуство ги поттикна мисловните процеси и ќе ги подобри резултатите од учењето по предметите анатомија, физиологија и биологија. За вклученоста во проектот, секој ученик доби меѓународно признат сертификат. Учениците заедно со двајца професори беа сместени во Tryp By Wyndham Istanbul Topkapi – хотел со 4 *. Појадокот и вечерата беше во хотелот, каде учениците имаа можност да пробаат најразлични турски специјалитети. Истанбул е еден од културно најбогатите и најразновидни градови во светот. Покрај практичната настава учениците имаа можност да ги посетат и најатрактивните туристични дестинации, палатата Топкапи каде има изложено многу уникатни збирки, вклучувајќи оружје на Отоманската империја, прекрасни ткаенини, накит, уметност. Аја Софија исто така наречена Црква на пресветата мудрост или Црква на божествената мудрост, е поранешна христијанска базилика, подоцна империјална џамија, а од неодамна музеј. Крстарење по Босфорот, кој ги поврзува Европа и Азија што го прави едно од најважните географски места во светот. Капали чаршија еден од најголемите и најстарите покриени пазари во светот, прошетката по нејзините улички по кои се запознаа со многу локални продавачи, занаетчии, зачини, слатки. Практичната настава учениците ја изведуваа во една смена по 5 работни часа. Престојот на учениците во Истанбул заврши на 16.03.2024.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.