Нашата ученичка Тамара Тодороска од 2-2кл. за својот престој во Р. Босна во мај 2016г.
Благодарение на мојот класен раководител Слободан Петкоски, кој ме предложи заради мојот одличен успех, благодарение на останатите професори кои го поддржаа неговиот предлог и секако, благодарение на директорот Дејан Димоски кој го прифати сето тоа, јас заедно со други деца од сите основни и средни училишта во градот, заминав на незаборавно патување во Република Босна и Херцеговина. Сето тоа ни го овозможи Детската Амбасада „За сите деца во светот“ која неколку години непрекинато работи на проектот „Градиме мостови на пријателства“. Покрај големиот број роднини и пријатели, нас во Р.Босна и Херцеговина не испрати и градоначалникот на град Прилеп, г-динот Марјан Ристески, кој ни посака да имаме убаво дружење и да се вратиме со нови знаења. Кога стигнавме во БиХ прво го посетивме градот Мостар. Иако врнеше, успеавме да се запознаеме со дел од убавините на овој град, како што се: Саат кулата, Караѓорѓева џамија, Мехмет-пашина џамија и секако, Стариот мост на реката Неретва. Оттука се упативме кон Врелото на Босна, а веќе вечерта пристигнавме во Сараево. Веќе наредниот ден бевме во посета на Македонската Амбасада во Сараево, каде што топло бевме пречекани и угостени од страна на г-динот Александар Крстески. Тој ни објасни кои се задачите на еден амбасадор, ни раскажа нешто за Амбасадата и некои други работи поврзани со Амбасадата. После оваа топла гостопримливост, ние бевме срдечно пречекани и од страна на НГО „Наши деца“-Сараево. Таму преку игра успеавме да се запознаеме со деца од друга вера и националност, а потоа секој пар т.е. секој од партнерите требаше да го презентира она што го дознал за својот партнер. Таму поминавме прекрасни два часа. Иако не сакавме, моравме да си заминеме, бидејќи требаше да посетиме и други знаменитости: олимпискиот музеј и маскотата „Вучко“, местото на атентатот на Франц Фердинанд, црквата Св.Троица, катедралата Срце Христово, улицата „Казанџулук“, позната по многубројните мали дуќани, останати уште од времето на Отоманската Империја, историскиот музеј, Баш – чаршија каде што имавме можност да ги вкусиме прочуените босански ќебапчиња и Вилсоновото шеталиште. Како и сите младилуѓе, ние најмногу уживавме пазарејќи во трговскиот центар Ал Шиди. Времето многу брзо помина, заврши нашето петдневно дружење. При враќањето во нашата татковина не можевме, а да не го посетиме мостот на Дрина во Вишеград и да јадеме во ресторан покрај реката, уживајќи во природните убавини и чистиот воздух. Иако кратко време бевме заедно, ние ќе продолжиме и понатаму да се дружиме и да го зацврстуваме мостот на пријателство кој го изградивме во текот на овие пет денови.