„Промоција на нова збирка раскази од Билјана Тинтоска“


На 28.4.2026г. во холот на нашето училиште се одржа промоција на шестата по ред книга
на нашата колешка по македонски јазик и литература, Билјана Тинтоска.

„Момина солза“ е збирка раскази во чиј фокус се многу животни ситуации со кои ние
секојдневно се соочуваме и се бориме. Промоцијата беше посветена на нејзините
матуранти, со пораки во расказите, што за нив ќе бидат добра база за успешна иднина и
чувањето на човекот во себе.

На настанот се обрати директорката Жанета Видевска, со извонреден осврт на расказите, а
свое стручно и исцрпно видување дадоа и промоторките и искусни просветни и културни
дејци: Лидија Ристеска и Цеца Видова – Трајческа. Модератор на настанот беше нашата
матурантка Исидора Николоска која читаше извадоци од расказите. А со своја
интерпретација на извадок од расказ ни се претстави и членот на Драмската секција, Тоше
Тодороски, ученик во втора година.

Белег за паметење, пред многубројната публика, остави нашиот бенд “The doctors” и
Марија Котеска со прекрасните изведби на внимателно одбраните песни што, впрочем, се
вплетени во расказите. Носители на целиот настан беа членовите на Драмската секција
„СЛОБОДНО ТЕАТАРЧЕ“ на чело со Филип Стојаноски и техничката поддршка на
Вилијам Спиркоски, Сара Павлоска и Марко Ванчев, како и сите матуранти на
професорката, а посебно нејзиниот 4-3 клас.

Просторот беше претесен да ги прими љубителите на пишаниот збор.
На настанот беше присутен и г-нот Гоца Бумбароски – раководител на Одделението за
јавни дејности во Локалната самоуправа на Општина Прилеп, како и многу претставници
на медиумите, просветни и културни работници, нашите професори и семејството и
пријателите на професорката.

Целиот настан е доказ дека во нашето училиште се негува уметноста и посветеноста кон
напредокот на нашите ученици.