Драмската секција на СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп, по иницијатива на педагогот на училиштето Снежана Милошеска, подготви комична драмска претстава со вметнување филмски инсерти специјално снимани за потребите на претставата. Имено, идејата беше на еден симпатичен начин, преку извонредната изведба на нашите ученици – членови на Драмската секција, да се потврди корисноста од поставените камери во училишниот двор, коишто се донација на ОБСЕ, за сите средни училишта.
На 29 септември во Библиотеката на СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп, беше одржана централната манифестација со која се одбележа реализацијата на проектот Безбедни училишта за сите средни училишта од град Прилеп, финансирана од ОБСЕ. На манифестацијата беа присутни: претставникот од Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија и координатор и обучувач на проектот за Безбедни училишта и Врсничка Медијација, директорот на нашето училиште, директорите на средните училишта од Прилеп, претседателот на Советот на родители на нашето училиште, професори и ученици.
За таа цел, беше отворена за употреба и просторијата на Клубот за медијација во нашето училиште, опремен со средства од ОБСЕ, но креативно осмислен и од училишниот тим за овој проект, како и од техничкиот персонал на училиштето.
Посебно внимание привлекоа камерите за видео надзор, коишто се поставија на “критичните ” места во училишниот двор за поголема безбедност во иднина како на учениците така и на наставниот кадар. Токму за илустрација на значењето на нивната функција во училиштето, Комичната драмска претстава, под менторство на проф. Билјана Тинтоска, а по сценарио на Филип Стојаноски, нашиот поранешен ученик и истакнат член на Драмската секција, ја направи оваа манифестација симпатична и креативна.
Како додаток поставуваме и слики од снимањето на филмскиот дел, во кој учествуваа и ученици од 2-1, 2-3 и 2-8 клас како статисти.
Се надеваме дека ќе уживате во нашата изведба!