ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ „ДЕВОЈКИТЕ НА МАРКО“


На 18.6.2026г. во 20:00ч., во големата сала на НУЦК„Марко Цепенков“, ДС„СЛОБОДНО ТЕАТАРЧЕ“ на СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп ја одржа ПРЕМИЕРАТА на својот долгометражен филм „Девојките на Марко“ по мотиви на истоимениот роман на Оливера Николова. Сценариото и режијата се на Филип Стојаноски, а под менторство на професорката Билјана Тинтоска. Овој филм несебично, со огромна љубов и посветеност го работеа членовите на секцијата, заедно со професионалното раководство во снимање и монтажа на Дамјан Аврамоски. Осуммесечната пожртвувана работа зачинета со огромен ентузијазам и искрена љубов, многубројните проби, часовите и деновите поминати пред камера, многуте дружби и забавата ја достигнаа својата кулминација. Главните улоги ги толкуваа: Филип Стојаноски, Toше Тодороски, Филип Сотиров, Марко Стојаноски, Исидора Николоска, Марија Стеваноска, Марија Котева, Тамара Димитриеска, Викторија Костадиноска, Ивана Ангелеска, Марта Шаркоска, Саша Бошков. Тон мајстор беше Вилијам Спиркоски, а за светлото беше задолжена Сара Павлоска. Техничка поддрша на сите полиња даде Михаил Тркалески, а музиката за филмот ја создаде Ѓорѓи Петкоски. Салата беше премала да ја прими верната публика на „СЛОБОДНО ТЕАТАРЧЕ“.

            Изразуваме огромна благодарност до нашата директорка и професорите за несебичната поддршка. Исто така, секогаш ќе бидеме благодарни на нашите пријатели и поддржувачи, кои отстапувајќи ги своите простори, со своето искрено гостољубие ни овозможија успешна реализација на снимањето на филмот. Затоа, особено се заблагодаруваме на: НУЦК„Марко Цепенков“, студио Паллада, слаткарница „Шар“, парфимерија „Паладиум“, мега маркет „Пата“, Туристичката агенција ЈК Травел, Солена соба – Салт плеј спа, „Калинка“, бендот “The doctors“, Македонски железници. И простете ако испуштивме некој.

Почитувана публико, нашето „СЛОБОДНО ТЕАТАРЧЕ“, со креативноста, ентузијазмот, пожртвуваноста на своите членови, ви ветува нови средби и радосни мигови.

Ви благодариме на љубовта! Ви благодариме на довербата и верноста!