Пред бизнис заедницата, локалната заедница, партиципиенти од невладиниот сектор и образованието, претставниците од СОУ,,Ѓорче Петров‘‘ го презентираа проектот ЕмплоВЕТ.
Како што нагласи координаторот на проектот за Македонија – професорката Билјана Рошкоска, овој меѓународен проект во своето средиште го има стручното образование, професионалниот развој на учениците и нивното успешно вклопување во работниот процес. Неговата реализација започна во месец октомври 2015 година, а крајот е предвиден за септември 2017 година.
ЕмплоВЕТ е еден голем и комплексен проект од клучната акција КА202 – Стратешки партнерства во областа на стручното образование и обука и е поддржан од Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Координатор на проектот е Романија, а земји-партнери се: Белгија, Шпанија, Германија, Англија, Турција и Македонија, преку својот претставник – СОУ,, Ѓорче Петров‘‘ од Прилеп.
Корисноста на Емпло ВЕТ проектот се рефлектира во целите кои земјите партнери си ги поставија пред себе. Тоа се:
* Да се истакне значењето на средното стручно образование и да се прилагоди овој тип на образование на потребите на стопанството
*Да се зголемат вештините на голем број на ученици од средното стручно образование за барање на работа
* Да се креираат иновативни ресурси- материјали за учење и подучување кои ќе бидат прилагодени на потребите на пазарот на трудот
* Да се обучат наставниците во стручното образование за користење на креираните ресурси
* Да се подобри контактот помеѓу учениците и работодавачите
* Да има подобра прегледност и конкурентност на завршените ученици на пазарот на трудот
* Да се поттикне решавање на проблемот со невработеноста на младите луѓе
* Да се иницира транснационалната соработка помеѓу претставниците од стручно образование, невладиниот сектор и потенцијалните работодавачи.
Модераторот на проектот, професорката Марина Димовска, пред присустните ги презентираше изготвените модули и електронските материјали. За секој успешно завршен модул, учениците ќе добијат сертификати.
Со имплементација на проектните активности учениците ќе се стекнат со специфични вештини кои ги бара новото време и пазарот на трудот, ќе ги подобрат комуникациските вештини, вештини за барање на работа, изработка на успешна биографија (CV), комуникацијата на англиски јазик, претприемачките вештини и ќе можат успешно да градат личниот професионален имиџ.
Овој и другите проекти во кои со поддршка од директорот на училиштето, Дејан Димоски е инволвирано средното стручно училиштето ,,Ѓорче Петров‘‘, ќе придонесат да се поттикне интересот на учениците да го избираат стручното образование и понатаму квалитетно да одговараат на работните предизвици, со што повеќекратна корист ќе имаат самите тие, но и стопанството и државата.