Оваа година, нашето училиште учествуваше со три групи ученици на размената во Детското село Песталоци, во Троген, Швајцарија.
Првата група, составена од осуммина ученици и еден супервизор (Слободан Петкоски), присуствуваше на размената од 16 октомври до 01 ноември.
Втората и третата група, составени од вкупно шеснаесет ученици и двајца супервизори (Сашо Кочоски и Билјана Тинтоска), престојуваа во Детското село од 02 до 16 ноември.
Првата група имаше партнерски училишта од Македонија, од градовите: Дебар, Прилеп, Кавадарци, Гостивар и Струга, коишто беа придружувани и од група ученици и супервизори од Молдавија. Групата од Прилеп беше сместена во куќа број 10, заедно со групата од Дебар.
Втората размена беше составена од вкупно четириесет ученици и петмина супервизори. Учениците беа сместени во две куќи, во мешан состав. Во куќата „Пинокио“ беа сместени група од Прилеп и група од Куманово, а во куќата „Накупенда“, групи од Прилеп, од Гостивар и од Куманово. Во Детското село, за првпат беа присутни и ученици од Црна Гора со нивните супервизори.
Искуствата на учениците од престојот во Детското село се драгоцени, а спомените незаборавни. Деновите беа исполнети со настава, двапати дневно, домашни активности околу храната и хигиената на куќата, но и слободно време за забава и рекреација во вечерните часови. Наставата беше насочена кон стекнување вештини на самоспознавање – Кој сум јас?, за да можат да се спознаат другите луѓе и да се почитува туѓиот идентитет. Исто така беше разгледувана и темата Антидискриминација. Слободното време учениците го пополнуваа во Младинскиот клуб, во Спортската сала и во собите за рекреација во куќите каде што беа сместени.Викендите беа резервирани за екскурзии низ знаменити градови и места во Швајцарија, како: Цирих, Луцерн, Сент Гален, „Технорама“ – музеј на природните науки, Водопадите на Рајна, Аквариумот во градот Констанс на Боденско езеро.
Престојот беше збогатен со презентација на традиционалната храна меѓу групите од Македонија, како и презентација на подготвени активности: видео – презентации за градовите и училиштата, сценски изведби од познати македонски драмски дела, фолклорни настапи и музички изведби.
Овие, како и другите претходни размени во кои учествуваа нашите ученици низ годините, е во составот на проектот “Имплементација на Конвенцијата на правата на детето во Република Македонија”. Да потсетиме дека во овој проект, којшто е под покровителство и поддршка на Коалиција СЕГА, нашето училиште со спроведување на моделот Дете – правобранител и Младинската организација, учествува од 2011 година.
Учеството на ваквите интеркултурни размени за нашето училиште претставува голема чест и задоволство. Се надеваме на уште многу вакви посети.
Дел од атмосферата, ви пренесуваме преку прекрасните фотографии, што кажуваат повеќе отколку зборовите.
Подготвила: Билјана Тинтоска – проф. по македонски јазик и литература