Благодарение на неколку инвестициони зафати кои се изведуваа во текот на летниот распуст, но и на перманентната работа за разубавување и подобрувањето на функционалноста, нашето училиште СОУ,,Ѓорче Петров‘‘ во новата учебна 2017/2018 година ќе ги дочека своите ученици, вработени, гости, пријатели со освежен изглед.
Гордост е ходникот којшто блесна украсен со мермерните плочки, донација од фирмите за експлоатација и обработка на мермер од градот и тоа Мермерен комбинат и Крин производство. Фирмата Крин КГ претходно донираше плочки за покривање на терасниот под.
Периодот на распуст се искористи и за прилагодувањето на една од просториите во училиштето во кабинет за здравствената струка и за предметот Биологија. Работите на новиот кабинет се изведуваат со средства од донацијата која СОУ,,Ѓорче Петров‘‘ ја доби од Германската амбасада.
Во интерес на хигиената и здравјето на нашите ученици направена е промена на вратите од санитарните јазли, а во тек е работа на нивно поплочување.
Овие активности се дел од планираните. Со ангажираност на директорот Дејан Димоски и вработените и со помошта од локалната самоуправа и градоначалникот на општина Прилеп, Марјан Ристески, СОУ,,Ѓорче Петров‘‘ како стручно училиште со повеќе атрактивни образовни профили и занимања што се актуелни на пазарот на трудот, а оттука и кај учениците, во иднина ќе добие нова термоизолациона фасада, а ќе бидат комплетно доуредени и работилниците во дворот.