Во пресрет на третиот Меѓународен конгрес Автономија на сестринството сега и во иднина, нашата ученичка Марија Наумоска, заедно со претставници од здружението, на ден 2.10.2024 беше во официјална посета и прием кај Претседателката на РС Македонија проф. Гордана Силјановска Давкова.
На 4 октомври во хотел Дрим во Струга на официјалниот почеток на конгресот под менторство на стручниот наставник Наташа Ванчева зедоа учество и нашите ученици од здравствена струка, профил медицинска сестра: Ивана Ангелеска, Анамарија Манческа, Марија Наумоска, Михаил Јорданоски, Сара Петрова, Ангела Алексоска, Михаела Јанческа, Ивана Стојкоска, Матеа Стојческа и Исидора Николоска.
На конгресот, кој беше од меѓународен карактер, учествуваа еминентни личности од областа на здравството и сестринството, претставници од министерството, градоначалници.
Преку модна ревија нашите ученици ни го претставија историјатот на сестринството и сестринската униформа.
Учениците достојно ја носеа и униформата на нашето училиште и уште еднаш покажаа и докажаа како треба да изгледа една медицинска сестра.
Дел од Конгресот беа и стручните наставници Наташа Ванчева, Ленче Јованоска и Петра Лукароска и директорката Жанета Видевска која ги поддржа учениците и наставниците.
Голема благодарност за сестра Гордана Бешлиовска, лидерот на здружението ЗА НАС и за сите негови членови кои ја препознаа љубовта која нашите ученици и стручни наставници ја носат во себе за оваа најхумана професија и кои, уште стопати да бираат, повторно би ја избрале професијата медицинска сестра затоа што, да бидеш медицинска сестра, значи да ги потиснуваш сопствените солзи и да црташ насмевки на лицата на луѓето.
Соработката продолжува во исчекување на нови едукации, хуманитарни акции и работилници. Нашето мото е ДЕНЕС УЧЕНИК, УТРЕ СТРУЧЊАК.