Десет зададени зборови буква по буква спелуваа вкупно 170 учесници од петто одделение до четврта година, од кои 38 продолжуваат на Регионалниот натпревар во април во Битола. Последниот круг е државниот во Скопје. СОУ “Ѓорче Петров” беше претесно да ги собере основците и средношколците кои ги докажуваа вештините во спелување на англиски на натпреварот Spelling Bee.
Организацијата е под раководство на професорката по англиски, Емилија Ѓорѓиева Велкоски, со помош на колешките Марина Димовска, Катерина Пацаноска, Кети Ефремоска, Мери Свеќароска, Билјана Димеска и Оливера Димитриоска. Редовно, составен дел од натпреварот, се и волонтери од Мировниот корпус, односно Роберт Шеар и Ник Хастед.
– Spelling Bee натпреварот, повторно со голем број учесници, е синоним за позитивна енергија и ученици кои паметно го минуваат времето. И не само што полесно, туку и поинтересно е изучувањето на англискиот вокабулар – кажува организаторот Емилија Ѓорѓиева Велкоски.
Желбата и интересот за изучување на странскиот јазик преку едукативниот натпревар сé повеќе расте, а градов може да се гордее што шеста година ќе има претставници дури и на државен.