Деветнаесет ученици од струката лични услуги- козметичари и фризери, кои беа избрани на објавениот конкурс, заедно со три професорки-ментори ќе бидат претставници на средното стручно општинско училиште ,,Ѓорче Петров‘‘ од Прилеп, во Брага, Португалија. Во рамките на припремите за проектот Professional VET cooperation development project , поддржан од програмата Еразмус + и Националната агенција за образовни програми и мобилност, учениците подготвија и пред останатите учесници презентираа информации за земјата – домаќин, за знаменитостите, убавините и карактеристиките на Брага, град каде ќе престојуваат 19 дена. Со соодветните припреми ги збогатија и своите јазични познавања. Нивните вредни раце што разубавуваат ја покажаа умешноста при припремите и презентациите во училишниот фризерски салон. Учениците беа сведоци и на остварувањето на виртуозните замисли на некогашниот наш ученик, сега препознатлив фризер и шминкер, Алек Палада. Идните фризери, шминкери, стилисти во пријатниот работен амбиент на салонот ,,Ema place‘‘добија нови искуства и инспирација, а во фризерското студио ,,Кларенс‘‘, тие следеа демонстрација на потстрижување на кратка коса и коса со средна должина. Креативноста е безгранична дарба , но принципите и вештините се стекнуваат со работа. Претходните способности надоградени со овие, новите, ќе им го олеснат престојот во Португалија.