Еразмус проект „Cultural Animation as a key against elderly social isolation“


Проектот „Cultural Animation as a key against elderly social isolation“ заврши со последната мобилност во Бад Зегеберг, Германија. Мобилноста траеше од 26.03.2023 до 31.03.2023. Во претходната недела нашите ученици и професори имаа шанса да се запознаат со убавините и уметностите кои ги нуди оваа држава, заедно со други ученици и професори од Франција, Италија, Хрватска и домаќините од Германија.
После свечениот пречек во училишната хала, учениците со своите ученици-домаќини, професорите и група на луѓе од повозрасната популација го разгледаа урбаното и одлично организирано училиште.
Особено внимание беше посветено на кабинетите по ликовна уметност во кои на учениците им беа објаснети активностите кои ќе следуваат во претстојната недела.
Активностите започнаа со посета на градското езеро каде и учениците и професорите имаа за задача да направат по три фотографии од прекрасната природа.
Попладнето беше организирана средба со повозрасната популација каде што пиевме чај, јадевме торта и имавме прилика да споделиме свои спомени од детството и домот кои ги пренесовме преку фотографии.
Вториот ден го посетивме градот Хамбург. Бевме во посета на Музејот за ликовна уметност во која, анимирани од историчари на уметност имавме прилика да видиме различни дела изработени во различен временски период. Потоа бевме во посета на познатата Филхармонија која воодушевува со нејзината грандиозност.
Активностите за третиот ден ни беа во училиштето. Бевме поделени во групи и работевме пејзажи со употреба на различни техники, потпомогнати од професори по ликовна уметност и познатата уметничка Кирстин Гроте.
Подоцна повторно имавме средба со постарите, разговаравме и уживавме во попладнето со чај и колачи.
Четвртиот ден ни беше предвиден за посета на прекрасниот Лубек кој изобилува со уникатна инфраструктура во готски стил. Го посетивме Музејот на современа уметност каде имавме активности кои вклучуваа активно користење на нашата имагинација со пресликување на сликите кои ги гледавме во наш стил.
Петтиот ден, а воедно и последен, се состоеше во избирање на цртежи изработени од сите учесници и нивно изложување на школската изложба. За крај, ни беа доделени сертификати за учество во оваа последна мобилност од проектот „Cultural Animation as a key against elderly social isolation“.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.