Обука на професори во Турција


Во рамките на проектот од европската образовна програма Еразмус+ Акредитиран проект проект 2023-1-MK01-KA121-VET-000116035 директорката на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп Жанета Видевска, координаторот на проектот Неда Ченто и професорите Пеце Алексоски, Наташа Најдоска и Венера Николова Мишачковска учествуваа на мобилност во периодот од 03.03.2024 до 09.03.2024 во Истанбул, Турција. Целта на овој проект е поддршка на професионалниот развој на професорите во областа на дигиталната технологија и нејзината примена во образованието. Професорите имаа обука во еден од најпознатите приватни универзитети Istanbul Nisantasi University и во врвната мултиспецијалистичка болница BHT CLINIC Istanbul Tema, која е водечки центар за роботика и вештачка интелигенција во областа на медицината. Првиот, вториот и третиот ден во конференциската сала на BHT CLINIC професорите се запознаа со улогата, значењето и иднината на дигиталната технологија во образованието. Професорите имаа можност да ги посетат различните одделенија во клиниката: гинекологија, неонатологија, радиологија, стоматологија, рендгенологија, одделот за итна помош, одделот за физикална медицина и рехабилитација и се запознаа со најновите достигнување од областа на медицината, примената на напредни процедури од светска класа, користејќи софистицирана и модерна опрема и технологија. Исто така, ја посетија и библиотеката која е во склоп на клиниката и изобилуваше со стручна литература. Атмосферата во болницата беше апсолутно пријателска и топла, така што со влегувањето во BHT CLINIC пациентите се чувствуваат сигурно и опуштено, што е од особена важност за одржување и градење на заемната доверба. Професорите беа топло пречекани од персоналот на болницата и особена чест беше тоа што имаа можност да ручаат заедно со докторите и сестрите и целокупниот персонал на болницата. Четвртиот и петтиот ден професорите имаа обука во универзитет Istanbul Nisantasi University за еволуцијата на комуникацијата со вештачката интелигенција, придобивките од користењето на Chat GPT и Adobe Creative Cloud во образованието.
Професорите беа сместени во Tryp By Wyndham Istanbul Topkapi – хотел со 4 * кој се наоѓа во центарот на Истанбул.
Истанбул е еден од културно најбогатите и најразновидните градови во светот благодарение на неговата длабока историја која се состои од многу империи, култури и религии. За време на викендот, професорите имаа можност да ја посетат Аја Софија, наречена Црква на пресветата мудрост или Црква на божествената мудрост, како и една од најстарите и најубавите џамии во светот, Сината џамија и палатат Топкапи. Едно попладне беше посветено и за посета на Капали чаршија – еден од најголемите, најубави и најстарите покриени пазари во светот со традиционални знаетчиски производи, зачини и слатки. При прошетката низ нејзините улички се запознаа со многу локални продавачи и занаетчии.
Професорите се вратија во Македонија со ново искуство, стекнати знаења и вештини, побогати со нови пријателства и незаборавни спомени.