Обука на професори во Турција


Во рамки на Еразмус проектот Акредитиран проект 2022-1-MK01-KA121-VET-000062595 директорката на СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп Жанета Видевска, координаторот на проектот Неда Ченто и професорите Татјана Шабаноска, Митко Талески и Костадин Стојаноски учествуваа на мобилност во периодот од 20 до 26.11.2023 во Истанбул, Турција. Целта на овој проект е поддршка на професионалниот развој на професорите во областа на дигиталната технологија и нејзината примена во образованието. Професорите имаа обука во еден од најпознатите приватни универзитети Istanbul Nisantasi University и во врвната мултиспецијалистичка болница BHT CLINIC Istanbul Tema, која е водечки центар за роботика и вештачка интелигенција во областа на медицината. Првиот, вториот и третиот ден во конференциската сала на BHT CLINIC професорите се запознаа со улогата, значењето и иднината на дигиталната технологија во образованието. Професорите имаа можност да ги посетат различните одделенија во клиниката: гинекологија, неонатологија, радиологија, стоматологија, рендгенологија, одделот за итна помош, одделот за физикална медицина и рехабилитација и се запознаа со најновите достигнување од областа на медицината, примената на напредни процедури од светска класа, користејќи софистицирана и модерна опрема и технологија Исто така, ја посетија и библиотеката која е во склоп на клиниката и изобилуваше со стручна литература. Атмосферата во болницата беше апсолутно пријателска и топла, така што со влегувањето во BHT CLINIC пациентите се чувствуваат сигурно и опуштено, што е од особена важност за одржување и градење на заемната доверба. Професорите беа топло пречекани од персоналот на болницата и особена чест беше тоа што имаа можност да ручаат заедно со докторите и сестрите и целокупниот персонал на болницата. Четвртиот и петтиот ден професорите имаа обука во универзитет Istanbul Nisantasi University за еволуцијата на комуникацијата со вештачката интелигенција, придобивките од користењето на Chat GPT и Adobe Creative Cloud во образованието.
Професорите беа сместени во хотелот со 4 ѕвезди Meroddi La Porta кој се наоѓа во центарот на Истанбул, на неколку чекори од Кулата Галата, една од најмаркантните кули во светот, па имаа можност секојдневно да шетаат низ познатата улица Истиклал. Појадокот беше во хотелот, а вечерата во ресторан каде што учесниците имаа можност да ги пробаат вкусните традиционлани турски специјалитети.
Истанбул е еден од културно најбогатите и најразновидните градови во светот благодарение на неговата длабока историја која се состои од многу империи, култури и религии. За време на викендот, професорите имаа можност да ја посетат палатата Долмабахче во Истанбул која е една од најзначајните историски градби на турската метропола што е сведок на животот на османлиските султани. Беа фасцинирани од изложениот убав мебел, уметнички дела и други непроценливи богатства, но еден од најспектакуларните беше кристалниот лустер од 4.5 тони што виси во Големата церемонијална сала. Тоа е најголемиот лустер во светот. Ја посетија Аја Софија, наречена Црква на пресветата мудрост или Црква на божествената мудрост. Аја Софија е поранешна христијанска базилика (црква), подоцна империјална џамија, а до неодамна музеј. Потоа се упатија кон една од најстарите и најубавите џамии во светот, Сината џамија. Крстарењето по Босфорот, кој ги поврзува Азија и Европа, што го прави едно од најважните географски места во светот, им овозможи поглед на многу од најпопуларните и најубавите атракции во Истанбул, вклучувајќи ја палатата Долмабахче, џамијата Ортакој, тврдината Румели Хисари и познатите луксузни вили кои вредат милиони. Едно попладне беше посветено и за посета на Капали чаршија – еден од најголемите, најубави и најстарите покриени пазари во светот со традиционални знаетчиски производи, зачини и слатки. При прошетката низ нејзините улички се запознаа со многу локални продавачи и занаетчии.
Професорите се вратија во Македонија со ново искуство, стекнати знаења и вештини, побогати со нови пријателства и незаборавни спомени.