Нашите ученици во Барселона


Барселона, април 2018г.

 

Патуваме… сонуваме…

Прилеп… Софија… Барселона… Софија… Прилеп

На 21 април 2018г. група од петмина ученици и две професорки од СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп, го започнаа своето патувањеза Барселона. Повод беше учеството во проектот на тема: ,,Граѓани претприемачи и волонтери“, во рамките на Еразмус +. Многу очекувања, прекрасни искуства. Што доживеавме таму, ќе се обидеме да ви доловиме преку овој текст и сликите што ги приложуваме.

Тргнавме во утринските часови, со комби од Прилеп до аеродромот во Софија, возбудени, радосни, полни со очекувања за прикажаната по убавини Барселона. Прв лет со авион на сите. Ни посакаа – мирно небо, ние си посакавме божја помош, па заедно со полн авион патници ги освојувавме небесните пространства. Летот беше пријатен. По неполни три часови пристигнавме на аеродромот во Барселона. Ближеше 22 часот. Во Барселона времето се смета исто како кај нас. Нѐ пречекаа нашите домаќини со радосни лица, топли прегратки и љубезно гостопримство. Нашата домаќинка, Нурија Вила Пладевал, директорка на училиштето домаќин „Саграда фамилија“ нѐ почести со внимание и љубезност. Учениците беа сместени во семејства на ученици во училиштето, а професорите во хотел во близина на училиштето. Саботна вечер, малку одмор и запознавање со околината.

Неделата, според агендата на проектот, беше предвидена како ден за одмор и запознавање на убавините на прекрасната Барселона. Децата со семејствата, а ние со колегите од земјите партнери. Нѐ имаше од неколку земји: Шпанија – како домаќин, Полска, Турција, Италија и Македонија. Се запознавме тогаш, а како да сме се знаеле отсекогаш. Делевме ист впечаток – дека сме го продолжиле претходно започнатото пријателство. Не за бадијала е кажано дека ако сме со добра мисла, искуствата ќе бидат добри. Така и ние, дојдени од разни земји, со различни навики, култури и менталитети, во средина нова за нас, го почувствувавме искреното гостопримство на: Нурија, Кристина, Силвија, Марта, Џулија… Видовме дел од убавините на Барселона, го почувствувавме задоволството на возењето во метро – искуство што ние во Македонија го немаме, го запознавме морето – зеленикаво, примамливо, совршено… како да нѐ повикува заедно со него да го почувствуваме мирот што го нуди. Ручек во автентичен ресторан покрај море, вкусивме традиционална храна. „Orujo de hierbas“и „Sorbete de limon“школки, други морски плодови подготвени оригинално, беа традиционалните специјалитети, чии вкусови не се забораваат. Се запознававме разговарајќи, дружејќи си и разменувајќи искуства.

Понеделник, 23 април – Св. Георгиј Победоносец (според Григоријанскиот календар), национален празник на цела Каталонија. Го почувствувавме торжественото празнување на овој светец, домаќините ни го овозможија амбиентот и во училиштето и во градот. На плоштадот Ла Рамбла, напладне море од народ се собира да го прослави. Имаат ексклузивен традиционален обичај на овој празник, мажите на жените им подаруваат рози, а жените на мажите книги, па затоа уште, празникот популарно го викаат: „Празник на книгите и розите“. На преполниот плоштад пребогати тезги со книги и рози, многу купувачи, многу подарувачи. Имавме можност да ја видиме и фотографираме Куќата на розите, дело на познатиот архитект Гауди. Ден достоен за паметење.

Вторникот и средата (24 и  25 април) беа денови исполнети со активности, претпладневни работилници, во училиштето и на плажа, на прекрасниот медитерански брег. Патем, го посетивме Музејот за дизајн и уживавме во панорамата од богатото наследство од градби што овој прекрасен град ги добил како домаќин на Летните олимписки игри во 1992год. Величествени зданија, фонтани, улици и кружни текови, а потоа тотална спротивност од впечатоци при посетата на старата тврдина Монжуик (Montjuic). Имавме ретка можност во исто време да уживаме два напоредни погледа – еден кон величествениот и раскошен медитерански брег и пристаништето на Барселона, а отспротива торжественото возвишување во облаците на таинствената планина Тибидабо. Планина и море… Божја убавина.

Средата започна со креативна и инспиративна работилница „Дасе ​​бидепретприемач” одПолХјуит, експертво Претприемништво и обука, како и со работилници за презентација нагрупите и одредување на логото на проектот, азаврши со вечера во прекрасната Арена. Тоа е модерен трговски центар, на чиј кров се наоѓаат неколку луксузни ресторани. Сите нудат прекрасна панорама на Барселона… ноќе… Имавме можност да уживаме во една, благодарение на заложбите на нашите домаќини. Добивме уште една вечер, извонредна, полна со впечатоци и незаборавна глетка на Барселона ноќе.

Четвртокот помина во духот на развивање на хуманоста. Домаќините ни овозможија работилници за волонтерство, на тема: „Важностанаопштественитевредности и социјалнатапосветеностзаподобарсвет“. Имавме ексклузивна можност да го посетиме геријатрискиот центар „Резиденција“ и да се запознаеме со извонредните услови, нега и внимание кон старите лица. Попладнето имавме ретка можност да ја посетиме катедралата Саграда Фамилија, дело на познатиот архитект Антонио Гауди. Што да кажеме за овој велелепен храм, освен дека нѐ остави без здив. Совршенство од линии, емоции и дух, што ќе го доловиме со фотографиите.

Петок 27 април, ден за испраќање. Италијанците си заминаа први, потоа Полјаците, па ние. Турците имаа лет во сабота.

20 часот – средба на влезот од Терминалот 2, од огромниот аеродром Ел Прат.Учениците беа испратени од семејствата, а ние од нашата љубезна и гостопримлива директорка Нуриа. Разделбите се секогаш тажни. Чувствата беа искрени… солзи, прегратки, ветувања дека пак ќе се видиме, покани за нови средби, покана за посета на Македонија… и пак солзи и прегратки.

Ја поминавме редовната процедура… картите, багажот, скенерот, пасошите и вообичаеното постројување пред портата што ќе не одведе кон авионот. И пак возбудливо полетување, средување на впечатоците. Помалку нѐ совладува сонот. По три часа пристигнуваме на аеродромот во Софија. Нѐ чека закажаното комбе. Пак процедура и тргнуваме за Македонија. Сега сите заедно, а и секој поодделно ги преслушуваме впечатоците, разменуваме и посакуваме сега да беше пак моментот кога тргнувавме за Барселона. Но, сепак, домот повикува, родниот град нѐ пречекува како во прегратка, па и покрај сѐ радост се гледа на нашите лица кога комбито полека се движи низ улиците на Прилеп, кога нѐ остава таму од каде што тргнавме. Тогаш нашите блиски нѐ  испраќаа, сега нѐ дочекуваат. Радосни, благодарни на Бога што здрави, живи и полни со убави спомени се вративме дома и пак… пак сме подготвени и за нови патувања… и за гостопримство.

Благодарни сме што имавме можност да стекнеме многу искуства и да чуваме безброј незаборавни моменти во нашите сеќавања, а со вас драги читатели ќе ги споделиме преку фотографиите. Тие, често, умеат да кажат повеќе од зборовите.

 

Автор на текстот: проф. Билјана Тинтоска

 

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.