Тим на СОУ „Ѓорче Петров“ по трет пат учествуваше на Креативен ден 2025 во Битола – настан посветен на промоција на креативноста, модниот дизајн и претприемништвото кај младите, линк помеѓу стручното образование и бизнис-секторот.
Училиштето го претставуваше тимот во состав: Јулијана Поповска – професор по стручни предмети во текстилно-кожарската струка, Анастасија Јандреска – ученик во трета година, техничар за изработка на облека, Мирјана Ванчева – моден дизајнер, претставник на бизнис-секторот и познатата дама која ја претстави креацијата – виолончелистката Андријана Дукоска.
Тимот креираше дизајн на тема „ОРИЕНТ“, инспириран од јапонската естетика, кимоното и симболиката на женствената енергија, каде традиционалното се спојува со современото.
Настанот беше збогатен со присуството на реномираните дизајнери Никола Ефтимов и Ивана Кнез, кои со својата богата експертиза и креативни пристапи ги поттикнаа учениците да напредуваат и ги охрабрија во развојот на нивната креативност, да веруваат во себе и да чекорат смело по патот на дизајнот – како идни визионери што ќе ја обликуваат модната сцена
Благодарност до продукцијата „Божиловиќ“ и тимот од СОУ „Таки Даскало“ – Битола за поканата и одличната организација.