Општински шампиони во женска одбојка


На општинските натпревари во одбојка за средни училишта, кои денес се одржаа во спортската сала во Прилеп, женската одбојкарска екипа на СОУ „Ѓорче Петров“ забележа извонреден успех и со заслужено освоеното прво место ја понесе титулата општински шампион за 2025 година. Нашите ученички покажаа висок степен на подготвеност, дисциплина и тимски дух. Во текот на натпреварите настапија решително и самоуверено, демонстрирајќи одлична техничка и тактичка игра.

Полуфинале: Во полуфиналниот меч, екипата на СОУ „Ѓорче Петров“ убедливо го совлада тимот на СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“. Девојките доминираа во сите елементи на играта, од сервис и прием, до блок и напад.

Финале: Во финалниот натпревар, нашата екипа се соочи со добро познатиот спортски ривал – СОУ Гимназија „Мирче Ацев“. Иако дуелот беше исполнет со неизвесност и борбеност, одбојкарките на СОУ „Ѓорче Петров“ успеаја да наметнат темпо и целосно ја контролираа играта, славејќи со максимални 2:0 во сетови.

Овој триумф е уште повреден бидејќи доаѓа само неколку дена по големиот успех на машката одбојкарска екипа, која исто така го освои општинското првенство. Со двете освоени титули, одбојкарската секција на училиштето повторно ја потврдува својата доминација на локално ниво и континуираната посветена работа.

Заслугите за развојот, подготовката и мотивацијата на ученичките и учениците им припаднат на нивните ментори и тренери – професорите Дејан Димоски и Здравко Ристески, кои со својата стручност и долгогодишен ангажман го подигаат нивото на училишниот спорт.

Им го честитаме овој значаен успех на нашите ученички, кои со труд, истрајност и спортски дух уште еднаш го претставија училиштето во најдобро светло. Им посакуваме многу среќа и нови победи на претстојните зонски натпревари, на кои со право се очекува да продолжат со успесите.