Медицинска сестра


Профилот медицинска сестра, во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп е воведен 1998 година. За време на четиригодишното образование учениците се стекнуваат со знаења од општообразовните предмети, стручните предмети, практични знаења и вештини. На тој начин учениците стекнуваат посебна одговорност за грижата на човекот и неговото здравје, запознати се со општите начела на медицинската етика, високите морални, етички, стручни и човечки квалитети на медицинската сестра,  сите улоги што ги има таа како и правилниот однос кон пациентите. По завршувањето на образованието учениците се квалификувани  медицински сестри, кои имаат можност да се вработат во здравствени институции во рамките на примарната, секундарната и терциерната здравствена заштита. Исто така можат да го продолжат своето образование на високо образовните установи.

Учениците со вежби започнуваат во втора година, и истите се изведуваат во специјално опремени кабинети каде се запознаваат со општата нега на болните и се стекнуваат со основни вештини.Во трета и четврта година практичната настава се изведува  во ЈЗУ општа болница со проширена дејност во Прилеп каде се стекнуваат со вештини и компетенции од областа на специјалната нега на интерните,хируршките,инфективните,гинеколошко акушерските, невро психијатриските и педијатриските болни.Се реализираат и посети на Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ во Прилеп, како и посети на други приватни или државни здравствени установи низ државата кои претставуваат вредни искуства за учениците.

Учење преку работа кај работодавач –УПРР е предмет кој се изучува во трета и четврта година и претставува изведување на практична настава,реална работа т.е.процес на  учење во реална работна средина самостојно кај работодавач во општата болница и детските градинки каде се стекнуваат со работно искуство од реалниот живот и надополнуваат со вештини и знаење на она што го работат и учат на практичната настава.

Феријалната практика  е задолжителна за учениците од прва, втора и трета година која се реализира во текот на летниот распуст со времетраење од дваесет работни дена, со цел учениците подобро да се оспособат за идната професија.

Работата на учениците се евидентира во дневникот за практична настава, дневникот за УПРР и дневникот за феријална практика.

Со одредени ученици по нивна желба работи и Здравствено-едукативната секција „Здравје без граници” со разни активности во градот и целата држава што дополнително допринесува за истакнување на креативноста, знаењето и вештините кои ги поседуваат.