Профилот – фармацевтски техничар во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп е воведен во 2007 година. Низ четиригодишно образование учениците стекнуваат знаења по општообразовните, стручните предмети и практични умеења и вештини. Практичната настава започнува во втора година. Се изведува во лабораторија и во кабинети кои се опремени со потребните инструменти и апарати. Во склоп на лабораторијата има и импровизирана аптека со чија помош учениците се запознаваат со лековите кои ги изучуваат на теоретската настава.
Преку практичната настава учениците се стекнуваат со следниве знаења:
- Работа со лабораториски прибор
- Подготовка на реагенси, раствори
- Пребарување и употреба на фармакопеа
- Идентификација, одредување на чистота на соединенија, како и нивна примена
- Изработка на магистрални препарати за надворешна употреба
- Сигнатура на препаратите
- Микроскопска и макроскопска идентификација на дроги и др.
Учениците од трета и четврта година посетуваат и практична настава во некои од приватните аптеки по предметот учење преку работа кај работодавач. Таму имаат можност во реални услови да се стекнат со предизвиците на нивната професија.
Феријалната практика е задолжителна по завршувањето на прва, втора и трета година во приватни аптеки, во времетраење од дваесет работни дена.
После завршувањето на училиштето ученикот има можност да работи како фармацевтски техничар во аптека, лабораторија или да го продолжи своето образование на некој од факултетите.
Нашето училиште има склучено меморандуми и договори за соработка со аптеките Зегин, Олимпиа, Виола, Миа Фарм, Херба каде што се изведува практичната настава за предметот учење преку работа, а со останатите аптеки Мента Фарм за феријалната практика.
Исто така нашата соработка е и со Болничката аптека во Прилеп, Заводот за здравствена заштита, хемиската лабораторија во А.Д. Витаминка, фабриката за лекови Алкалоид Скопје.
Во склоп на промоција на струката покрај отворениот ден на училиштето нашата струка учествува и со промоција под градскиот саат, настан каде што се промовираат мастите кои учениците ги подготвуваат на практична настава но и со мерење на притисок, шеќер и витаминско минерален статус на случајни минувачи.
За упис во овој профил потребно е минимум 70 поени каде може да се запишат 34 ученици.













