Државна матура


Државната матура во четиригодишното средно стручно образование, освен тоа што претставува завршен дел на средното стручно образование, има за цел да послужи и за селекција на кандидатите при влез во високото образование.

Државната матура се полага според посебни испитни програми кои се темелат на наставните програми за соодветните наставни предмети.
Државната матура се состои од: задолжителен дел, изборен дел и проектна задача.

1. Задолжителниот дел се состои од три општообразовни наставни предмети и тоа: македонски јазик и литература, математика и странски јазик.

2. Изборниот дел се состои од еден стручен наставен предмет, кој ученикот го избира од понудена листа на наставни предмети.

3. Проектната задача е проучување на проблем кој ученикот го избира од некој (некои) од наставните предмети или пошироко од образовните области.

Проектната задача има за цел да ја провери оспособеноста на учениците за:
– самостојно планирање, проучување и истражување на одделни проблеми;
– самостојно користење на извори на информации и информатичка технологија;
– планирање и изведување на експерименти;
– презентирање на добиените сознанија од проучувањето.

Ученикот има право покрај четирите наставни предмети и проектната задача кои задолжително треба да ги полага, да избере и други, најмногу два предмети од листата на предмети за изборниот дел на државната матура. Овие дополнителни испити на ученикот му овозможуваат пошироки предуслови за влез во високото образование.