Ученичката Сара Долеска на Семинар за лица со оштетен вид


Во периодот од 03.11.2016 до 12.11.2016 год, во градот Арад, Романија се одржа семинар на тема: Лица со оштетен вид, организиран од Невладината Организација ЦМА Крик, кофинансиран од Erasmus+ преку Националната агенција на Република Македонија, во домаќинство на романската Невладина Организација Ofensiva Tinerilor.

Семинарот вклучуваше 20  учесници од: Романија, Македонија, Бугарија, Кипар и ГрцијаПретставник и учесник од нашиот град и од нашето училиште беше ученичката Сара Долеска од IV-3 клас.Во текстот што следува, таа говори за содржината и активностите на Семинарот.

„Дневните активности за време на семинарот беа засновани врз учење и предавања од страна на стручни и обучени тренери за состојбите на лицата со оштетен вид, нивните способности, начин на извршување на секојдневните обврски, професионална кариера и сл. Организирани беа и работилници, вежби и игри со лицата со попречености во видот,сето тоа прикажано преку дел од учесниците кои беа со 100% оштетен вид и учесници со делумно оштетен вид кои претставуваа живи примери за тоа дека попреченостите не се пречка за неуспех во животот. Напротив овие лица претставуваа мотивација и пример дека со силна желба и труд се постигнува се. Дел од нив иако со целосна и делумна оштетеност во видот успеале да станат студенти, магистри, професори…

На семинарот беа презентирани сите методи и техники кои ги користат лицата со оштетен вид со цел полесно да ги извршуваат секојдневните активности и да можат да функционираат како нормални луѓе (употребата на Брева опрема, ориентација во просторот со белиот стап, техники за водење на слепо лице, софтверската аудио програма JAWS која ја употребуваат за компјутерска работа и сл)

Главната цел на семинарот беше стекнување знаења, способности и искуства за работа со лицата со оштетен вид, организирање на разни активности и настани во кои ќе бидат вклучени овие лица.

Во склоп на активностите на семинарот, беше организирана посета на Сојузот на лица со оштетен вид, како и посета на училиште за деца со попречености во развојот и деца со оштетен вид, каде имавме можност да се сретнеме со деца кои следат настава за физиотерапевти и извршуваат практична настава во болнички установи.

Голема гордост и задоволство ми претставуваше да учествувам на еден ваков семинар од којшто стекнав нови искуства, незаборавни импресии и се здобив со нови знаења за лицата со оштетен вид  кои заслужуваат голема почит и внимание. Голема благодарност до сите организатори и Националната агенција на Република кои го организираа и поддржаа  овој семинар, благодарност и до директорот Дејан Димоски и класната раководителка Елизабета Мицкоска за големата поддршка“.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.