“Песталоци” во посета на нашето училиште


По успешно завршената интеркултурна размена на десет ученици од нашето училиште во Швајцарија, посетата ни беше возвратена од страна на дваесетчлена делегација на претставници од Детското село „Песталоци“ во Троген, Швајцарија. Тие беа пречекани во просториите на училишната библиотека од страна на директорот на училиштето Дејан Димоски. На средбата беа присутни: педагогот Снежана Милошеска и професорката по Македонски јазик и литература Билјана Тинтоска кои активно работат на проектот од самиот почеток, професорката по Англиски јазик Елизабета Милошеска (која беше дел од размената), потоа претставници од коалиција СЕГА, десетте ученици кои беа дел од размената, како и претставници од Младинската организација во училиштето.

Целта на нивната посета беше да ги слушнат нашите впечатоци од размената, нашите мислења и критики за тоа што беше добро или лошо, со цел да можат понатаму да прават некои промени во поглед на подобрување на нивната работа.

Љубопитните гости посебно се интересираа за работата на Детето – правобранител и новиот модел на разрешување на проблеми во нашето училиште, зошто директорот се решил на таков чекор, како функционира и какви се резултатите од истиот? Одговорите ги добија лично од Детето – правобранител Андреј Ристески, кој детално им ги опиша своите обврски во нашето училиште, но и со јавниот правобранител на Република Македонија.

Потоа гостите го разгледаа нашето училиште и задоволни се упатија во коалиција СЕГА, како и во другите градови во Македонија кои се вклучени во овој проект.

Гостите беа посебно задоволни од нашиот пречек и од начинот на функционирање на оваа институција кај нас. А ние сме сигурни и ни е драго дека тие во нашето училиште да се чувствуваа како дома.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.