Одобрени три нови проекти од Еразмус + програмата
Во рамките на Еразмус + програмата од Националната Агенција за Европски образовни програми и мобилност во полето на клучна акција 2 за училишно образование, СОУ Ѓорче Петров доби грантови за реализирање на три проекти во периодот од 2017 до 2019 година. Проектите вклучуваат стратешки партнерства со размена на искуства и добри практики, за која цел вкупно 38 ученици ќе имаат можност да земат учество во транснационални активности, секако придружувани од своите професори – ментори. Координатор е професорката Елизабета Милошеска.
Првиот транснационален состанок за проектот “Наследството од минатото, искуството од сегашноста и ветувањето на иднината” се одржа во Истанбул, Турција во периодот од 24-29 Септември на која учествуваа по двајца професори од секое партнер училиште. Темата на проектот е запознавање со културното наследство на земјите учеснички преку нивната историја, култура, јазик и традиции, но истовремено и да се открие врската помеѓу различните култури во состав на Европската Унија, да се направи споредба помеѓу нив и да се пронајдат разликите и сличностите што не збогатуваат но истовремено и обединуваат. Притоа на средбата беа договорени следните чекори за реализирање на проектот, но истовремено учесниците имаа можност да се запознаат со културното наследство на градот домаќин. Проектот вклучува партнер училишта од : Македонија, Турција, Германија, Италија и Шпанија.